На крајот на септември и почетокот на октомври 2014г. се одржаа две консултативни средби со членовите на Локално економско социјалните совети (ЛЕССи), поддржани од проектот на УСАИД, Мрежа ЈЕС. Првата консултативна средба беше одржана на 26-27 септември во х. Ривиера – Охрид, на која беа присутни претставници од ЛЕСС Тетово, Гостивар, Битола и од Економскиот Совет (ЕС) Прилеп, додека втората консултативна средба беше одржана на 03-04 октомври во х. Манастир – Берово на која присуствуаа претставници од ЛЕСС Штип, Струмица и ЛЕСС на Град Скопје.
Воведниот дел од средбите беше концентриран на презентирање на досегашните спроведени активности на овие совети и идентификување на моменталната состојба преку пренесување на стекнатите искуства. Секој од советите ги претставија петте главни приоритети од своите стратешки и локално акциски планови и начинот на кој треба да бидат спроведени во следниот период од една година. Низ дискусија за начините за реализација произлегоа идеи кои не се само во насока на остварување на истакнатите стратешки приоритети, но и се креативни во насока на зголемувањето на вработеноста кај младите, преку основање и развивање на бизнис старт-ап центри, обуки за преквалификација и доквалификација на дефицитарни кадри, интензивирање на активностите поврзани со менторство и практиканство во компаниите и сл.
На средбите беше разгледано и идејата за избор на “Модел ЛЕСС” од Македонија кој би можел да биде поврзан со други такви совети или слични тела/структури од регионот (Балканот). Во тој контекст беа презентирани искуствата на овие совети од Хрватска, методологијата според која истите биле воспоставени, нивните добри практики и научени лекции, кои можат да помогнат во идното функционирање на ЛЕСС-и во нашата држава.
Потоа се пристапи кон Пишување на предлог препораки и план за официјална комуникација со надлежни стручни тела и служби. Во рамките на оваа сесија се работеше на развивање на кратки официјални документи и препораки кои ќе треба да бидат поднесени до Советот на Општината. Учесниците се обидоа да направат рамка во која на концизен и разбирлив начин ќе ги проследат своите идеи и препораки до општинските авторитети.
Последната сесија беше информирање на учесниците за фондовите преку кои може да се обезбедат средства за имплементација на разни активности и проекти предвидени со праграмите за работа на ЛЕСС-и, кои се усвоени од страна на Советите на општините. Во оваа сесија акцент беше ставен на ЕУ фондовите, исто така се спомнаа и се разви дискусија и за други фондови и извори на финансии за поддршка на активностите на вакви тела. Особен интерес учесниците пројавија за време на презентацијата на Европскиот Социјален Фонд, во кој секоја година се слеваат повеќе од 10 милијарди евра наменети за подобрување на социо-економскиот стандард на граѓаните.
Средбите беа искористени како можност на истите да биде разгледан и начинот на мерење на успехот од реализираните активности, и беше дискутирано како да се постигне повисоко ниво на функционирање на ЛЕССи и нивно меѓусебно вмрежување, но и нивна долгорочна одржливост и по завршувањето на поддршката од страна на УСАИД Мрежа ЈЕС.
На крај, сите членови, претставници на ЛЕСС-и активно учествуваа во дизајнирањето на шестмесечен план на активности, врз основа на кој истите ќе бидат евалуирани и оценувани за својата работа.
Во периодот што следува, УСАИД Мрежа ЈЕС ќе одржи поединечни состаноци и средби со овие совети и ќе ја утврди динамиката на активности коишто ќе ги поддржи финансиски, технички и логистички.