Се одржа првата конститутивна седница на Локалниот Економски Социјален Совет на општина Струмица

Денеска во просториите на домот на АРМ се одржа првата конститутивна седница на Локалниот Економски Социјален Совет на општина Струмица. Покрај градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, на седницата присуствуваа амбасадорот на САД во Република Македонија, Пол Волерс, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Живко Митревски, претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Димитар Поповски, директорот на проектот на YES мрежа на УСАИД, Јан Карпович, како и претставници на локалната самоуправа, на средните училишта и општинската администрација.

На оваа прва конститутивна седница беа избрани претседавач и секретар на Локалниот Економски Социјален Совет, за претседавач беше избран Тони Милушев, раководител на одделението за локален економски развој на општина Струмица, а за секретар, Васил Глигоров, претставник од Сојузот на синдикати – синдикална канцеларија Струмица.

Глигоров, од негово лично име и од името на Тони Милушев, се заблагодари за изборот и рече дека максимално ќе се трудат да ги извршуваат своите активности, транспаретно ќе работат и ќе дадат максимален придонес за подобар економско социјален дијалог во Општина Струмица.